Месечните извештаи на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух за Скопје покажуват дека во 2022 година имало над сто денови со загаден воздух, односно, надминување на дозволената гранична вредност ПМ10 честички од 50 мг/м3. Според светските здравствени стандарди, во една календарска година не треба да има повеќе од 35 денови со загаден воздух.

Според извештајот за 2022 година (недостасуваат податоци за декември), најмногу, или вкупно 98 дена биле со загаден воздух во Центар, 62 во Карпош, 55 во Гази Баба, 94 во Лисиче, 87 кај Ректорат, 61 во Ѓорче Петров и 21 во Илинден. Во текот на 2022 година, зимските месеци претежно биле денови со загаден воздух, додека, пролетта и летото имало и месеци со ниту еден ден со аерозагадување. Така во мај, јуни, јули, август и септември немало надминување на прагот ПМ10 честички од 50 мг/м3 кај некои од мерните станици, освен онаа во Центар.

Во рамки на Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на воздух, во Скопје се поставени пет автоматски мониторинг станици. Една од станиците е поставена во општината Гази Баба, во близина на Природно математичкиот факултет. Втората станица е поставена во населбата Лисиче, до средното хемиско училиште, каде загадувањето е од сообраќајот, индустријата и затоплувањето по домовите. Во близина на оваа станица е Цементарницата УСЈЕ. Мониторинг станицата поставена во Општина Карпош, во дворот на основното училиште „Петар Поп Арсов“ го следи квалитетот на воздухот во т.н. урбана позадина со цел да се добијат информации за просечните нивоа на квалитетот на воздухот и изложеноста во урбаните средини.

Станиците за мерење на загадувањето од сообраќајот се поставени во општина Центар на фрекфентни крстосници во градот. Едната е поставена во дворот на Ректоратот на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, односно на крстосницата со Судска Палата, а другата е поставена на крстосницата на булевар „Водњанска“ и улицата „Васил Ѓоргов“. Мониторинг станиците покрај концентрациите на вообичаените еколошки параметри ги мерат и концентрациите на испарливите органски сооединенија, како бензен, толуен, етил бензен, отоксилен и параксилен во амбиентниот воздух, кои го даваат загадувањето од сообраќајот.

Скопје изминативе денови се издигна помеѓу првите петнаесет најзагадени светски градови, придружуван од други метрополи од регионот.

Загадениот воздух е причина и за сѐ повеќе здравствени проблеми. Последиците ги чувствуваат и повозрасните, но најмалите се најранливи. Амбулантата на детската болница Козле е преполна, периодов се редат и по двесте прегледи дневно. Сите болнички кревети се зафатени, а докторите со апел до родителите – да внимаваат на децата, затоа што бројните респираторни вируси кои се шират се доволен проблем, а двојно попроблематична е состојбата во комбинација со аерозагадувањето.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска обвинија дека во последниве години нема ништо направено за намалување на аерозагадувањето.

– Загадувањето на воздухот е национален проблем, и за ефикасно намалување на загаденоста потребни се национални мерки и проекти кои значајно ќе влијаат на намалувањето на емисијата на штетни гасови – велат од ВМРО-ДПМНЕ.