Градот Скопје во вторник нареднава неддела ќе објави Јавен повик за субвенционирање на домаќинства и на други субјекти на подрачјето на Град Скопје за чистење оџаци за 2021 година. Новитет на овој повик е можноста граѓаните да аплицират онлајн.
Од Градот информираат дека со овој повик ќе се надоместат и дел од трошоците на домаќинства и на други субјекти за чистење на оџаците, во нето износ најмногу до 1.200 денари, а на јавниот повик можат да учествуваат физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на Град Скопје.
-Субвенциите ќе важат и за исчистени оџаци од 1 јануари 2021 година, а јавниот повик кој ќе се реализира по принципот„прв дојден прв услужен“ ќе биде отворен до 30 ноември 2021 година или до реализирање на средствата во износ од 1 милиони денари предвидени за оваа намена со Буџетот на Град Скопје за 2021 година, се наведува во соопштението на Градот.
Според Град Скопје, чистењето на оџаците придонесува за намалување на аерозагадувањето во текот на грејната сезона. Познато е дека опасноста од запуштени и неисчистени оџаци е голема. Не само што загадувањето и емисијата на ПМ 10 честички е голема, туку се загрозува и безбедноста на корисниците ако не се спроведува редовно чистењето. Препорачливо е оџаците да се чистат три пати годишно, двапати во текот на грејната сезона и еднаш кога е таа завршена.
Град Скопје оваа мерка ја реализираше и во 2018, 2019 и 2020 година, кога беа доделени околу 1000 субвенции.