Сабота, 2 октомври, оваа година ќе биде резервирана за трката на пет километри, со старт од 17 часот, а во недела, на 3 октомври, од 8 часот наутро ќе се трчаат маратонот, полумаратонот и штафетниот маратон – ЕУ за спорт.
Од организацијата информираат дека сите тркачи кои поради пандемијата, своите пријави за маратон и полумаратон од 2020 година ги префрлиле за 2021 година, преку електронска пошта ќе добијат код за регистрација, за да може да ја искористат бесплатната котизација за настанот оваа година.
– Доколку некој биде спречен повторно да не учествува и оваа година, ова право ќе може да го искористи за маратонот во 2022 година. Оние учесници кои биле пријавени за трката на пет километри во 2020 година, која беше одложена, автоматски ќе се префрлат за оваа година со истиот стартен број кој го добиле, се наведува во соопштението.
Пријавувањето за Виз Ер Скопскиот Маратон 2021 може да се направи на официјалната веб страна www.skopskimaraton.com.mk, каде може да се најдат и сите други информации за настанот.
Организаторите на маратонот, Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со Атлетски Клуб „Работнички“ од Скопје ги повикуваат сите љубители на спортот и трчањето, да ја искористат можноста и да се пријават на овој спортски настан.
Трката ќе биде организирана според безбедносните протоколи и препораки утврдени од Владата и Комисијата за заразни болести, со цел заштита на учесниците и организаторите.