Украинскиот претседател бара и конфискација на нафтата од „флотата во сенка“
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ѝ се заблагодари на Велика Британија откако британските сили пресретнаа руски танкер за нафта од таканаречената „флота во сенка“ во Ламанш. Тој оцени дека ваквите потези директно влијаат врз способноста на Русија да ја финансира војната.
„Дрскоста на Русија, поттикната од приходите од нафта и гас, го поплочи патот за оваа војна, и секоја одлука на партнерите која ја лишува Русија од пари, исто така ја ограничува и самата војна“, напиша Зеленски на социјалните мрежи, заблагодарувајќи му се лично на британскиот премиер Кир Стармер и на „сите Британци“.
Тој нагласи дека Европа треба да оди чекор понатаму и да донесе законски решенија што ќе овозможат построги мерки против ваквите испораки.
„Тоа со сигурност ќе помогне да се приближи мирот“, порача претседателот на Украина.
Операцијата е уште еден удар за Путин
Британскиот премиер Кир Стармер претходно соопшти дека издал наредба британските сили да пресретнат танкер од руската „флота во сенка“ кој се обидувал да мине низ Ламанш.
Според него, успешната акција претставува дополнителен притисок врз Москва.
„Таа успешна операција му задава уште еден удар на рускиот претседател Владимир Путин во Украина, потсетувајќи ги оние што ја поттикнуваат војната дека нема да им биде дозволено да се скријат“, изјави Стармер.
Во меѓувреме, Зеленски посочи дека е неопходно европските држави да добијат можност не само да ги задржуваат ваквите танкери и да ги ограничуваат испораките на нафта, туку и да ја конфискуваат нафтата што ја превезуваат.
„Тајмс“: Припадници на „Вагнер“ обезбедувале танкери
Претходно оваа недела, британскиот весник „Тајмс“ објави истражување според кое припадници на руската приватна воена компанија „Вагнер“ учествувале во обезбедувањето на танкерите од руската „флота во сенка“ при нивното минување низ Ламанш.
Според наводите, овие бродови од 2023 година наваму повеќепати транзитирале низ британските води и покрај санкциите воведени против Русија.
I am grateful to the UK for taking this important step against Russia’s oil fleet – a shadow fleet tanker has been detained off the UK’s southern coast.
It was Russia’s hubris, fueled by high oil and gas revenues, that paved the way for this war, and every decision by partners… https://t.co/ej16vDOF0E
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) June 14, 2026
