Израелскиот премиер Нафтали Бенет денеска изјави дека неговата земја ќе ја задржи „неограничената слобода“ да дејствува против Иран без оглед на каков било нуклеарен договор меѓу Техеран и големите сили.
Тој ја даде изјавата на состанокот на парламентарната комисија за надворешна политика и одбрана, по оценката на ирански претставник дека е постигнат „добар напредок“ на преговорите во Виена кон заживување на нуклеарниот договор од 2015 година.
– Секако дека сме загрижени за нуклеарните преговори во Виена. За мене е важно да кажам овде јасно и недвосмислено: Израел не е дел од договорот, истакна Бенет, најавувајќи дека Израел ќе ја задржи неограничена слобода на дејствување „секаде и во секое време“.
Преговорите за заживување на нуклеарниот договор продолжија кон крајот на ноември, откако беа суспендирани во јуни кога Иран избра нов ултра-конзервативен претседател.
Договорот што го потпишаа САД, Кина, Русија, Велика Британија, Франција и Германија, предвидува олеснување на санкциите против Техеран во замена за ограничување на развојот на нуклеарната програма.
Во 2018 година, тогашниот американски претседател Доналд Трамп еднострано се повлече од договорот и повторно воведе строги санкции, што го натера Техеран да се откаже од своите обврски.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Саид Хатибзадех, денеска изјави дека напредокот постигнат во Виена е „резултат на напорите на сите страни да се постигне стабилен договор“. Тоа е најновиот позитивен коментар во врска со преговорите.
Израел силно се противи на враќањето на договорот од 2015 година, но високи функционери како министерот за одбрана Бени Ганц и министерот за надворешни работи Јаир Лапид сугерираат дека земјата би можела да го поддржи документот доколку понуди дефинитивна контрола на иранските нуклеарни амбиции.
Иран тврди дека неговата нуклеарна програма служи исклучиво за мирнодопски цели.