– Прво имате една невообичаена ситуација, да речам невозможна ситуација. Предлагате сведок, зборам за Обвинтелството, којшто не е сослушан во истрагата. Користите исказ којшто е даден во друг предмет што нема врска и не се однесува на овој предмет. И како капа на сè, значи ви кажува сведокот дека не е кредибилен. Неколкупати сам ви кажува дека не кредибилен и вие со неверојатна упорност се обидувате повторно да го сослушувате. Тоа оставам е стратегијата на Обвинтелството, но тоа е недозволено и за мене невообичаено зошто се повикува сведок да се сослушува, кој во старт ви кажува дека не е кредибилен, изјави Дуковски.

И на крајот на денот, како што рече Дуковски, ништо не кажа од тоа за кое што беше повикан од страна на Обвинителството.

– Напротив дејствие на извршување е дека Бојан Јовановски наводно некого измамил со ветување дека ќе обезбеди државно земјиште, а сведокот Јордан Камчев кажа дека станувало збор за два проекти, коишто биле одбиени поради економска неисплатиливост од негова страна, додаде адвокатот.

Дуковски посочи дека на сведокот му поставил прашање дали станува збор за приватни парцели …

– Можам ли јас да ја вклучам државата во нешто што е ваша сопственост. Од тие причини сметам дека тотално непотребен беше овој сведок и ништо нема да утврди за фактичката состојба во овој предмет, рече Дуковски.

Судењето за овој предмет е во почетна фаза на изведување на вербални докази. На денешното рочиште беа сослушени сведоците Агапи Дика и Јордан Камчев. Судењето за овој предмет го води судијката Софче Ефремова, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Ивана Трајчевска.

Обвинети во овој случај се Бојан Јовановски, поранешната пратеничка од редовите на СДСМ, Фросина Ременски, Миле Јовановски, (таткото на прво обвинетиот) и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ.

Јовановски е обвинет за „измама и перење пари“. Ременски е обвинета за „помагање во делото измама“, Мандиќ за „помагање во измамата и перењето пари“, Миле Јовановски се терети за „помагање во перењето пари“ и за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје“. Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз“.

Следното рочиште за предметот „Меѓународен сојуз“ е закажано на 24 март, за кога е предвидено да сведочат лицата Јованка Кука и Лилјана Тодоровска.