Европска Унија се договори со Норвешка, најголемиот западноевропски производител на гас, да го зголеми снабдувањето со цел да го надополни недостигот од гас на земјите-членки на ЕУ, од кои половина се соочуваат со прекини во испораките од Русија.
Брисел соопшти дека 12 земји-членки се соочуваат со недостиг бидејќи Русија го намали транспортот преку гасоводот Северен поток 1, со образложение дека има технички проблеми.
Русија претходно ја прекина испораката на гас на Полска и на Холандија, како и кон други земји кои одбија да платат во рубљи.
Норвешка го зголеми производството на гас за да одговори на европскиот недостиг и очекува раст на продажбата од осум отсто на 122 милијарди кубни метри годишно.
ЕУ една петтина од потребите за гас ги снабдува од Норвешка, а од Русија, пред инвазијата врз Украина, увезуваше 40 проценти од вкупните потреби за гас.
Инвестирањето во нови наоѓалишта на гас ги зголемува стравувањата дека војната во Украина ќе означи враќање на старото и покрај ветувањата на многу држави дека постепено ќе ги исфрлат фосилните горива и ќе се префрлат на обновливи извори.