Европската комисија денеска најави единствен телефонски број за жените жртви на насилство: 116 016.
Сите жени жртви на насилство можат да се јават на овој број во ЕУ и да добијат поддршка и совети. За сега 15 земји членки на ЕУ учествуваат во иницијативата. Рокот за да се етаблира телефонската линија е април 2023.
Утре се одбележува Меѓународниот ден против насилство врз жените. Повеќе протести се предвидени во земјите на ЕУ. Во Брисел протестот ќе се одржи во недела, 27 ноември.
Европската комисија во март оваа година усвои предлог директива за борба против родово и семејно насилство која вклучува и насилство преку интернет.
Најголемиот број жртви на трговија со луѓе во ЕУ се жени и девојки.
Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел, изјави дека “ЕУ осудува секаков вид на насилство против жени и девојки”.
-Неприфатливо е во 21 век жените и девојките да бидат и натаму злоставувани, вознемирувани, силувани, или насилно омажени, рече тој.
Оваа година ЕУ сака посебен фокус да им се даде на жените жртви на насилство во војни и конфликти, како Украинките и Иранките.