Член е на Социјалдемократската партија на Германија (СПД), која е дел од Партијата на европските социјалисти (ПЕС). Тој беше и еден од иницијаторите на „Жан Моне“ процесот во земјава, со цел подобрување на политичкиот дијалог.

Флекенштајн во интервјуто за МИА посочува и дека ЕУ треба да размисли како да ги смени правилата на одлучување со консензус, бидејќи според него е неверојатно – како може една влада да ги спречи останатите 26 членки и да го блокира целиот регион.

Германскиот политичар учествуваше на првата Меѓународна конференција Преспа форум за дијалог што се одржуваше на 1 и 2 јули во Охрид.

– Низ годините станав повнимателен со овие реченици. Навистина се надевам, бидејќи Северна Македонија го заслужува тоа. Спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија е билатерален и не треба да биде дел од дискусиите во врска со меѓувладината конференција. Дознав дека речиси и да бил направен пробив, но тоа не било доволно за време на претходното претсетателство. Ако словенечкото претседателство продолжи во таа насока и ако имаме силен комесар кој навистина е посветен и Европскиот парламент кој секогаш бил на страната на Северна Македонија, тогаш може да се надеваме дека може да има прогрес.

Прашан дали билатералните прашања треба да бидат пречка на европскиот пат, Флекенштајн вели дека тоа не смее да биде така.

– Се разбира дека не треба да бидат пречка на европскиот пат. Ние имаме свои проблеми во Европската Унија. Имаме правила кои не функционираат некогаш. Знаете дека треба да има консензус од сите 27 членки и тоа е речиси невозможно, особено кога се работи за надворешна политика и за проширувањето да имате вистински одлуки во вистинското време. Ние, во ЕУ, треба да размислиме како да ги смениме овие правила, бидејќи е неверојатно – како може една влада да ги спречи останатите 26 членки и да го блокира целиот регион.

Ако не се одржат првите меѓувладини конференции со Македонија и Албанија во октомври, дали тоа ќе отвори можности за останати влијанија во регионот?

– Се надевам. Европската комисија можеби ќе треба да преговара со бугарската Влада и администрацијата во САД секогаш има идеи како да се справи со ваквите ситуации. Би ценел доколку Бугарија после изборите, земјата има свој став и тоа е во ред, го тргне на страна тоа од патот на кој што одиме сите заедно.

Каков ќе биде кредибилитетот на ЕУ во регионот ако уште еднаш покаже неуспех и не ги испорача ветувањата кон Македонија и Албанија? Каква ќе биде европската перспектива во тој случај за овие земји?

– Пред се, не е ЕУ, на крај тоа не би ви помогнало. Но Европскиот парламент е многу јасен по тоа прашање, бидејќи пратениците се избрани од граѓаните во нивните земји членки. Комесарот е многу јасен. Дваесет и шест од вкупно 27 земји членки се многу јасни. Не сте сами и не сте единствените кои се разочарани.

Постои огромно разочарување и во Европскиот парламент. Од друга страна, Советот мора да најде начин да се одржи меѓувладината конференција, бидејќи мора да ја искористиме шансата сега, но исто така тоа е и наша обврска. Вашата земја испорача, а и Албанија, исто така, и сега редот е на ЕУ. Секогаш зборуваме дека е потребно да се спроведат реформи, да се завршат задачите, но сега ЕУ е таа која треба да ја заврши задачата. Убеден сум дека словенечкото претседателство ќе даде се од себе.