Со минибуси што ќе сообраќаат од Трнодол, Жданец и Средно Нерези до булеварот „Партизански одреди“ ќе го олесниме движењето на повозрасните жители од овие населени места како и на учениците, истакна кандидатот за градоначалник на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, на 9-ти октомври.

Тој посочи дека превозот ќе биде бесплатен.

Овој проект кој тој го најави наиде на задоволство кај граѓаните од овој дел на Скопје.

ЈСП денес информираше дека тоа што Јакимовски го вети ќе се реализира, па побрзаа да ја “украдат“ идејата и да си ја препишат како своја заслуга, на актуелната градска власт и претпријатието под нивна капа.

Од понеделник ЈСП – Скопје ќе ја пушти линијата „29“ која ќе сообраќа од Жданец, па преку Трнодол, до Карпош 3 („Сити мол“) и обратно.

-Линијата ќе профункционира на барање на жителите на Жданец и Трнодол, за да им се олесни пристапот до централниот дел на општината и градот, а истовремено и како предлог решение за организиран јавен превоз од/до посочените населени места, имајќи го во предвид проектот за новата мрежа на линии од јавниот транспорт во градот Скопје – соопштија од ЈСП.

Почетна/крајна станица на линијата „29“ во Жданец ќе биде на улица „Жданец“, а во Карпош 3 на улица „Манапо“, на почетно/крајната станица на линија 7 и 59 кај „Сити мол“.

-Автобусите ќе се движат по улиците „Жданец“, до влезот на Трнодол, потоа, по улица „Козле“, булевар „8 Септември“, булевар „Партизански одреди“ до крајната станица во Карпош 3 и обратно, по истата траса.

Овој проект ЈСП можеше да го реализира и до сега, но во кампања го слушна проектот кој си го препиша за свој.