Претходниот градоначалник на Скопје, во два мандати, Коце Трајановски, повторно е во игра за противкандидат, најверојатно, на Петре Шилегов од СДСМ во трката за главниот град, на претстојните локални избори.

Трајановски пред да стане градоначалник на Скопје, беше градоначалник на општина Гази Баба, а потоа главниот град го водеше во два последователни мандати.

Поранешниот градоначалник вчера говореше на партиска трибина во Гази Баба, каде што рече дека „со СДСМ на власт општините и јавните претпријатија тонат во долгови, а ВМРО-ДПМНЕ се грижи за општественото добро и ќе изгради силни и развиени европски општини“.

Мицкоски најави дека следната недела, по седница на Извршниот комитет на партијата, ВМРО-ДПМНЕ ќе објави и имињата на петнаесетина кандидати за градоначалници во општините во земјава, при што посочи дека, главно, станува збор за сосема нови имиња, кои досега не биле на функција во единиците на локалната самоуправа во која живеат. Тој рече дека станува збор за сериозни кандидати со кои очекува победа над кандидатите на СДСМ во тие општини.

Според Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ е фаворит за претстојните избори, а СДСМ, како што оцени, може да победи само ако ги наполни кутиите.

Тој рече дека се раговара со партии од албанскиот блок, но и со партии на другите заедници, за соработка на локалните избори и посочи дека наскоро ќе се знае кој се ќе застане зад кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ.