Најлесно е да се притвори човек, но тешко е да се донесе правосилна пресуда во разумен рок, изјави вечерва професорот Гордан Калајџиев во гостувањето на ТВ24, коментирајќи го притворањето на бизнисменот Орце Камчев.

– Притворот е непожелна мерка и секаде во светот се користат други мерки и гаранции за богатите луѓе. За финансиски криминал најнормално е имотот да се стави под гаранција, бидејќи апсењата се подложни на притисоци, корупција и теории на заговор. Орце Камчев е човек од бизнисот. Многу е важно тоа што и него и Сашо Мијалков ги штити презумпција на невиност, дури и по првостепената пресуда. Лесно е да се притвори човек, ама тешко е да се донесе пресуда во разумен рок, вели Калајџиев.

Откако правдата ќе дојде задоцнето, додава тој, доаѓаме до перверзија дека оние што се објект на системот стануваат еден вид жртва.

– Најнормално е на луѓето да им се стави имотот под гаранција. И каде ќе бегаат? Дури и да бегаат, ќе имаме повеќе корист отколку штета. А вака апсењата се подложни на притисоци и на корупција, теории на заговор. Ако, пак, е вклучена и тајната полиција, тогаш наместо остварување на правдата, тоа дава елементи на борба со политички противници. Такви примери гледаме во држави кои не се баш најдобри примери за правдата, како на пример Русија, истакна Калајџиев.