Владата настапува со принципиелен пристап во евроинтеграциите

Владата спроведува кредибилна и одговорна надворешна политика, фокусирана на заштита на националните интереси, државното достоинство и стратешките приоритети, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на седницата за пратенички прашања во Собранието.

Одговарајќи на прашање за евроинтегративниот процес, тој порача дека Владата води аргументиран и принципиелен дијалог со меѓународните партнери.

„Нема повеќе отстапки и попустливост што не вродуваат со резултати“, истакна Муцунски.

Барањето за дополнителни гаранции е оправдано, вели Муцунски

Министерот оцени дека барањето за дополнителни гаранции на европскиот пат е разумна позиција, повикувајќи се на ставови од повеќе европски лидери.

Тој ги наведе изјавите на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта и белгискиот министер за надворешни работи, кои, како што рече, нагласиле потреба од предвидливост во процесот.

„Не е точно дека од државата се бараат само уставни измени“, рече Муцунски, додавајќи дека суштинските проблеми произлегуваат од „решенијата од 2022 година“.

Меѓународни договори и реформски резултати

Муцунски истакна дека државата има значајни резултати на меѓународен план, меѓу кои Партнерството за безбедност и одбрана со Европската Унија, како прво во регионот.

Тој ги посочи и стратешките партнерства со Обединетото Кралство, Унгарија и Хрватска, за кои рече дека ја зајакнуваат економската и инвестициската позиција на државата.

Министерот додаде дека државата е прва во Европа со стратешки дијалог со Соединетите Американски Држави во Вашингтон.

Во делот на реформите, тој истакна дека земјата е прва во регионот по користење средства од Планот за раст на Европската Унија.

„Водиме кредибилна надворешна политика, но и политика што стои во заштита на нашето национално достоинство и национален интерес“, порача Муцунски.