Мои прилепчани, заедно минавме една исклучително тешка година. Се соочивме со сите недостатоци и негрижата на минатата администрација, но и со последиците од економската и енергетската криза како продолжение на здравствениот хаос. Сепак со посветеност, љубов, разбирање и чесна работа многу направивме и заедно го вративме Прилеп на колосекот на урбано живеење. Прилеп повеќе не е град на сивилото и безнадежноста, изјави во своето обраќање градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески во кампањата „Промените на дело“ во организација на ВМРО-ДПМНЕ.

Јовчески истакна дека со добро менаџирање и домаќинско работење исплатени се речиси половина од вкупно 300 милиони денари наследени обврски и го трасира патот кон исполнување на дадените ветувања.

Рекоструиравме и саниравме голем дел од улиците. Исчистени се над 6.000 метри квадратни отпад од дивите депонии и обновени се парковските површини, ги вративме фонтаните. Со чесна работа го завршивме виталниот проект за водоснабдување на градот, а особено сум горд што ги подобривме условите за работа во сите училишта во Прилеп – рече тој.

Јовчески нагласи дека тука не застанува и за следната година планирано е уште повеќе.

Во буџетот кој заедно се планираше најмногу се посветивме на инфраструктурата. Речиси 2 милиони евра за рехабилитација на прилепските улици како и за изградба на два кружни трка, зафат вреден 1,5 милиони евра со што значително ќе се подобри сообраќајот во градот. Тука е и вашето барање за повеќе подземни контејнери за што одвоивме 6 милиони денари, проект произлезен од акцијата за заедничко креирање на буџетот на Прилеп. Благодарен сум за вашата доверба. Заедно ќе направиме многу за наш Прилеп. За иднината на Прилеп – изјави Јовчески.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека Прилеп годинава ќе отпочне со рехабилитација на влезот во градот од страна на Македонски Брод, капитален проект вреден речиси 2,5 милиони евра, Прилеп се менува и ги живее промените.

Прилеп покажа дека промени се можни. Секој еден ден, секоја една промена значи нова победа на надежта, победа на чесноста и победа на граѓаните, наспроти апатијата и безнадежноста. Стоевме зад секое ветување така ќе биде и понатаму со проектите што го подобруваат животот во Прилеп, а прилепчани ги живеат Промените на дело – изјави Мицкоски.