Разговарано за соработката и улогата на Македонија во Алијансата

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во Министерството за одбрана остварил средба со адмиралот Џорџ Викоф, командант на Сојузничката команда на здружените сили на НАТО во Неапол и командант на американските поморски сили во Европа и Африка.

На средбата била потврдена посветеноста на Македонија кон зацврстување на регионалната и колективната безбедност.

„Придонесот на македонските војници во зацврстувањето на безбедноста во регионот и во рамки на Алијансата е видлив преку учеството во мисијата КФОР на Косово, како и во мултинационалните сили на источното крило на НАТО, за што имаме силна поддршка од Сојузничката команда во Неапол“, истакна Мисајловски.

Тој додаде дека соработката, партнерството и стабилноста ќе продолжат да се унапредуваат и преку развојот на Коридорите 8 и 10, со цел зајакнување на безбедноста во регионот и на Алијансата.