Македонија сака да напредува кон Европската Унија и да ги отвори преговорите, но нема да прифати компромис што не обезбедува предвидливост, порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Во интервју за МИА од Њујорк, тој побара европско учество во идните разговори со Бугарија. Истовремено, ја истакна засилената соработка со САД и значењето на договорените и планираните проекти за долгорочната стабилност на државата.
Зборувајќи за европската интеграција, Муцунски нагласи дека Владата останува на позицијата оти напредувањето кон членството мора да биде предвидливо. Според него, вклучувањето на Европската Унија во разговорите со Софија е важно за да се почне со обновување на довербата меѓу двете страни.
„За нас е значајно во сите разговори што понатаму ќе ги имаме со Бугарија да има и вклученост на Европската Унија. Битно е да има минимум уште една страна во процесот што ќе помогне да почнеме да ја градиме довербата која недостига“, нагласи Муцунски.
Министерот посочи дека се очекува комуникација од Европската Унија за идниот пристап кон политиката на проширување. Информациите што се однесуваат на постепената интеграција ги оцени како охрабрувачки, но нагласи дека треба да се почека официјалната содржина на документот.
Во делот за односите со Вашингтон, Муцунски рече дека комуникацијата на сите нивоа е засилена од формирањето на новата американска администрација. Како потврда за динамиката и важноста на стратешкото партнерство ги наведе средбите со државниот секретар Марко Рубио, заменик-државниот секретар Кристофер Ландау и раководството на Стејт департментот.
„Стратешкото партнерство и неговата иднина, поврзана со конкретните проекти што веќе се договорени и оние што се договараат, се суштински значајни за долгорочната политичка и економска безбедност и стабилност на нашата држава“, истакна Муцунски.
Меѓу конкретните примери од соработката, министерот ги издвои рамката во областа на трговијата и соработката со Американската корпорација за меѓународно финансиско развивање – DFC, во чии рамки се разговара за повеќе економски проекти. Посочи и на резултатите од Стратешкиот дијалог во одбраната, борбата против тероризмот, справувањето со нерегуларната миграција и културата.
Муцунски нагласи дека надворешната политика на Македонија се потпира на три основи: членството во НАТО, стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави и патот кон полноправно членство во Европската Унија.
Осврнувајќи се на досегашните активности на македонската делегација во рамките на Генералното собрание на Обединетите нации, министерот оцени дека посетата има и билатерална и мултилатерална димензија. Според него, таа носи конкретни резултати во политиката, економијата, трговијата и безбедноста.
Тој посочи и дека учеството на Генералното собрание отвора можност за проширување на дипломатските контакти со држави надвор од традиционалниот круг партнери во Европа и САД.
