Предметните програмски сервиси се третираат како странски програмски сервиси кои се реемитуваат, а не како домашни телевизиски сервиси што емитуваат програма на територијата на државата, се вели во соопштението на АВМУ.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во соопштение вели дека „ги отфрла како неточни и неосновани наводите на ММА и МРТ за погрешно третирање на програмските сервиси Arena M1, Arena M2 и Arena M3 Premium како странски програмски сервиси кои се реемитуваат во Република Северна Македонија.“
„Агенцијата постапува исклучиво во рамките на своите законски надлежности согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Постапувањето на Агенцијата во конкретниот случај се заснова на релевантна доставена документација, како и на информации и податоци добиени од надлежни институции во Република Северна Македонија и од релевантни странски субјекти.
Врз основа на расположливата документација и добиените информации, предметните програмски сервиси се третираат како странски програмски сервиси кои се реемитуваат, а не како домашни телевизиски сервиси што емитуваат програма на територијата на државата, имајќи предвид дека нивниот изворен сигнал не се емитува на територијата на Република Северна Македонија.
Агенцијата особено ги отфрла инсинуациите дека со своето постапување овозможува заобиколување на законските обврски или дека постои каква било незаконитост во постапувањето на Агенцијата и нејзините службени лица.
Доколку ММА и МРТ располагаат со наводни докази за незаконско постапување на Агенцијата ги повикуваме истите да ги достават до надлежните институции. Во меѓувреме, посочуваме дека е недозволиво исклучиво поради сопствени интереси да се шират неосновани квалификации и инсинуации кои создаваат впечаток за незаконито или произволно постапување на регулаторот“ – се вели во соопште нието на Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Извор: Плусинфо
