Мајката на ученикот на основното училиште „Јован Дучиќ“ во Белград, која ја нападна и брутално ја претепа наставничката по биологија, во полиција признала дека завршила курс за борачки вештини, пишува „Курир“.
„Мајката дојде на отворената врата и ја праша наставничката по биологија зошто нејзиниот син добил 2, а има просек од 3“, вели наставничката од белградското основно училиште „Јован Дучиќ“, која ја придружувала својата повредена колешка до болница.
Таа вели дека наставничката по биологија, за да ги реши несогласувањата, ја повикала мајката во канцеларија. Но, наместо решение, следувало тешко насилство.
„Таа ѝ кажа ужасни работи: „Не знаеш која сум јас, кучко“, раскажала учителката.
Потоа се заканила дека ќе оди кај директорот, што наставничката по биологија го поддржала. Меѓутоа, таа одеднаш се вратила. Од вратата ја фатила за косата, ја турнала на подот и ѝ ја удрира главата во подот.
„Ќе ти го убијам семејството“, извикала мајката напаѓач, пренесува медиумот.
„Нема да работиш никаде на друго место, нема да работиш во ова училиште, ќе се сеќаваш на мене, не знаеш која сум. Ќе ти го убијам семејството“, викала таа.
Наставничката, според кажувањата на колешката, успеала во еден момент да се оттргне и отрчала до полицаецот, но тој не бил таму. Вработените потоа повикале полиција, која дошла и ѝ зела изјава.
„Колешката има контузија на градниот кош, а повредени и се и ногата и раката, а има и гребаници“, изјавила колешката на повредената наставничка, која ја придружувала до болница.
Таа наведува дека сите се преплашени и згрозени од она што ѝ се случило на нивната колешка.
Родителите на децата од споменатото училиште тврдат дека знаат која е жената што ги нападнала.
Како што понатаму изјавија родителите од училиштето во кое се случи овој инцидент, жената што ја нападнала професорката по биологија била крупна и била спортски тип.