Албанскиот премиер Еди Рама на духовит начин одговори на прашањето кога Албанија ќе стане членка на Европската Унија, посочувајќи на неизвесноста што со години го следи процесот на проширување.
На новинарско прашање кога Албанија ќе се приклучи кон ЕУ, Рама кусо одговори дека постојат три работи што не можат да се предвидат.
„Бог, сексот и Европската Унија“, рече Рама.
Неговата изјава предизвика внимание во јавноста и беше протолкувана како ироничен коментар за сложените и често непредвидливи процедури низ кои минуваат земјите кандидати на патот кон полноправно членство во Унијата.
Албанија доби статус на земја кандидат во 2014 година, а пристапните преговори со Европската Унија формално ги започна во 2022 година. И покрај напредокот во евроинтегративниот процес, засега нема конкретен датум кога земјата би можела да стане членка на ЕУ, објави „Скопје1“.
