Општина Аеродром е против било каква цензура и ќе свика средба со родителите и вработените во градинката Срничка за да се разгледа случајот на менување на програмата за завршна прослава во градинката, за кој пишуваше Плусинфо – реагира Општината во соопштение.
Како што пишувавме Управниот одбор на градинката „Срничка“ на 15 мај одржал седница на која решил од програмата за завршната приредба да се исфрли песната „Нешто ќе те питам бабо”, во која се пее за македонскиот револуционер Гоце Делчев, без да се наведени причини за тоа.
„Во однос на објавата во вашиот медиум поврзана со работата на Детската градинка „Срничка”, најпрво дозволете да информираме дека согласно Законот за заштита на децата, детските градинки работат независно и во согласност со годишната програма. Во нивната работа на ниту еден начин не се меша општината, напротив за истата одговара раководното лице (директорот) и управниот одбор, кој е составен од членови предложени и избрани од неколку државни институции.
Правото и слободата на изразување се гарантирани во Уставот и во таа насока, потенцираме дека Општина Аеродром и градоначалникот Тимчо Муцунски не поддржуваат и нема да поддржат цензура во било каква форма. Напротив, во изминатиот период Општина Аеродром покажа високо ниво на транспарентност и почитување на правото на говор и изразување.
Во насока на целосно решавање на проблемот, градоначалникот Муцунски за овој веќе петок закажа средба со родителите на засегнатите дечиња од посочената детска градинка, на која ќе се разгледа и дискутира за споменатиот проблем.
На крајот потенцираме дека, обезбедување на квалитетна предучилишна грижа е во фокусот на Општина Аеродром и нема да дозволиме на било кој начин да се фрли сенка на овие напори и истите да се стават во втор план“ – се вели во реакцијата на Општина Аеродром.