Како што соопшти порталот Радиосараево.ба, групата се доведува во врска со противзаконска разузнавачка работа, недозволена трговија со наркотици на големо, а според некои неофицијални информации дури и организирање ликвидации.
Според информациите на овој портал од безбедносните агенции на БиХ, кои водат широка истрага, на територијата на Република Српска и Србија дејствува параразузнавачка служба, која ја сочинуваат поранешни припадници на Државната безбедност и на „Црвените беретки “.
-Активностите на оваа група често се поврзани со членот на Претседателството на БиХ и лидер на Сојузот на независните социјалдемократи (СНСД), Милорад Додик и најтесниот круг на луѓе околу него. На тоа, меѓу другото, укажуваат и политичките акции кои самиот Додик ги спроведува или најавува во последно време, се наведува во текстот.
Според овој портал, параразузнавачката служба има свои соучесници во владата на Република Српска, на најодговорни позиции.
Државните агенции, се додава, имаат цел список на високи функционери од Република Српска кои може да се поврзат со активностите што ги откри француската полиција.
Овој портал изјави дека ја има таа листа, но поради истрагата не ја објавува .
Изворите на овој портал наведуваат дека лицата поврзани со овој случај се во сите институции на РС, судски и безбедносни, имаат свои играчи кои се во функција на параразузнавачката структура.
-Не постои институција во Република Српска, а параразузнавачката и наркокланот да немаат свој претставник, но што е уште поголемо, нема значаен претседателски кабинет каде, исто така, немаат свој човек. Дури и преку институции ги „покриваа“ граничните премини, се наведува во текстот.
Порталот Радиосараево.ба наведе дека истрагата за овој случај се интензивира и дека повеќе информации ќе има во наредните денови.