Во вечерашното гостување на „Трилинг“, претседателот на државата, Стево Пендаровски истакна дека постапката за промена на Уставот треба да почне овој или најдоцна идниот месец, а единствен начин за да се дојде до две третини, како што напомена, е дебата со опозицијата.

Јас би преферирал постапката за промена на Уставот да почне овој или најдоцна другиот месец и да заврши пред август, кога се колективните одмори на државните органи, пред се на Парламентот, зашто потоа полека влегуваме во предизборна атмосфера и атмосферата може да биде само полоша. Не би сакал да видам друг начин за да дојдеме до две третини и промена на Уставот сега во однос на Бугарите, освен дебата со опозицијата, рече Пендаровски.

Негова оценка е дека предвремените избори нема да ги решат политичките проблеми во државата.

Се плашам дека не само предвремените, туку и редовните парламентарни избори нема да ги решат длабоките политички проблеми зашто тие не се од вчера. Имаме огромна дупка меѓу два па и три политички блока кои со години наназад се гледаат преку нишан. Мислам дека за да се влоши состојбата, многу придонесе 27 април, а и немаше извинувања за тоа што беше сторено, рече шефот на државата.