Народната банка по истекот на 10 дена од воведувањето администрација ќе ги понуди акциите на Алта банка АД Битола на продажба на Македонска берза. Ова го информира гувернерот на Народната банка, Трајко Славески.
Тој рече дека веќе е испратено официјално известување до надлежниот регулатор во Србија. Од него се бара во рок од три дена да се произнесе дали Алта банка а.д. Белград ќе ги понуди на продажба акциите во македонската филијала.
„Без разлика дали ќе добиеме одговор од регулаторот, по истекот на десет дена Народната банка ќе ги понуди акциите на Алта банка АД Битола на Македонската берза. Постои интерес од неколку потенцијални инвеститори, од земјата и од странство, за преземање на акциите на Банката. Постапката за евентуална продажба ќе се спроведе во согласност со законската регулатива и надлежностите на Народната банка. Целта е да се обезбеди избор на соодветен инвеститор којшто ќе ги исполнува законските и супервизорските критериуми за стекнување квалификувано учество и ќе придонесе за долгорочна стабилност и непречено работење на Банката“, рече Славески.
Тој нагласи дека роковите за преземање на следните чекори се кратки, бидејќи брзината на постапување е особено важна за изнаоѓање соодветно решение за банката.
Народната банка продолжува внимателно да ја следи состојбата и да ги презема сите активности во рамките на своите законски надлежности, со цел заштита на интересите на клиентите и одржување на стабилноста на банкарскиот систем.
