Во речиси 500 училишта низ Франција денеска не се одржува настава поради бранот ученички протести што ја зафати земјата, изјави францускиот министер за образование, Едуар Жефре.

Наставата ќе биде „целосно или делумно прекината“ во околу 400 до 500 средни училишта, бидејќи „не се исполнети безбедносните услови“, рече синоќа Жефре, додавајќи дека од почетокот на ученичкото движење биле „опожарени или ограбени“ 24 училишта.

Затворањето на училиштата тој го опиша како превентивна мерка во пресрет на големите протести најавени за утре.

Француските средношколци тврдат дека условите за образование им се влошени, меѓу другото, поради недостигот на наставници и дотраените училишни згради.

Жефре изјави дека бројот училишта опфатени со безбедносните мерки ќе биде сличен на оној во петокот, но вети „делумно, постепено враќање на наставата“.

Повеќе од третина од 468-те училишта во поширокиот регион Ил-де-Франс околу Париз ќе бидат затворени денеска поради протестите, потврди и конзервативната претседателка на регионот, Валери Пекрес, во изјава за јавниот радиодифузен сервис „Франсинфо“.

Движењето започна во едно париско училиште на 17 септември, но минатата недела прерасна во протести низ целата земја, кои на некои места доведоа до судири меѓу учениците и безбедносните сили. При тоа, безбедносните сили употребија солзавец и палки против учениците