На неколку дена пред парламентарните избори во Бугарија, анкетите покажуваат значајна предност за коалицијата „Прогресивна Бугарија“, поврзана со поранешниот претседател Румен Радев.
Според анкетата на „Маркет линкс“ за бТВ, спроведена од 7 до 14 април, коалицијата води со 30,8 отсто поддршка. На второ место е ГЕРБ со 18 проценти, по што следуваат ПП-ДБ со 11,2, ДПС-Нов почеток со 6,5 и „Преродба“ со 4,2 отсто. Останатите партии се под изборниот праг.
Социологот Добромир Живков оцени дека се очекува повисока излезност, при што новите гласачи најмногу се насочуваат кон коалицијата на Радев. Околу 15 проценти од гласачите сè уште не се определиле.
Според проекциите, „Прогресивна Бугарија“ би освоила околу 109 пратенички места, што не е доволно за самостојно мнозинство, па ќе биде потребен коалициски партнер.
Во меѓувреме, странските медиуми сè почесто прават паралели меѓу Радев и унгарскиот премиер Виктор Орбан. Рускиот весник „Независимаја газета“ го опишува како „аналог“ на Орбан, додека дел од западните аналитичари го нарекуваат „бугарскиот Орбан“.
Според овие анализи, евентуална победа на Радев би можела да доведе до промена на надворешната политика на Бугарија, со поголем акцент на дијалог со Русија и понагласен евроскептицизам.
Тинк-тенкот Osservatorio Balcani e Caucaso Transeuropa наведува дека Радев се залага за ставање на економијата пред идеологијата, особено во енергетиката, и покажува резерви кон одредени политики на ЕУ, вклучително и Зелената агенда.
Сепак, дел од експертите сметаат дека ваквата реторика е дел од изборната стратегија насочена кон традиционалистичкиот електорат.
Австрискиот „Стандард“ отвора дилема дали Бугарија би можела да стане „следната Унгарија“, посочувајќи и на можни аномалии во онлајн поддршката за Радев.
Аналитичарот Александар Стојанов вели дека, иако нема директни докази за вмешаност на Москва, „нешто невообичаено се случува на социјалните мрежи“.
