Висок претставник на финската гранична полиција, Томи Кивенјуриизјави дека властите во Русија, најверојатно, ќе бидат силно вклучени во превезувањето мигранти до единствените два гранични премини меѓу двете земји, кои се уште остануваат отворени.
Во изминатите две недели, повеќе од 500 баратели на азил влегле во Финска од Русија, главно државјани на Јемен, Сомалија, Сирија и Ирак. Наглото зголемување на овие случаи го натера Хелсинки да затвори четири контролни пунктови долж финско-руската граница, при што само оние во Вартиус и Сала продолжуваат да прифаќаат барања за азил.
Додека финската Влада размислува да ја затвори целата граница, луѓето продолжуваат да пристигнуваат во Вартиус и Сала.
Пристигнуваат од Русија, со автомобили и камиони. Слегуваат во близина на финската граница и им даваат велосипеди за да го поминат последниот дел. Многу е веројатно дека руските власти се сериозно вклучени во транспортната операција, изјави шефот на правниот оддел на финската гранична стража Кивенјури, додавајќи дека најверојатно помагаат и граничарите.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков вчера ги отфрли обвинувањата дека Русија намерно ги насочува илегалните мигранти кон финската граница.