Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ќе одржи состанок посветен на хуманитарната криза во Украина.

Консултациите се покренати од страна на Франција и Мексико, а се однесуваат на две резолуции за хуманитарната криза во Украина доставени на посебна седница на Генералното собрание на ОН на 24 март.

Во првата што ја составија Франција и Мексико се повикува Русија веднаш да ја запре својата специјална воена операција, додека другата што ја изготви Јужноафриканската Република се фокусира исклучиво на хуманитарни прашања, вклучувајќи испораки помош и отворање хуманитарни коридори.

Инаку, властите во Преториа засега одбиваат да ги осудат активностите на Москва, појаснувајќи дека осудата не придонесува на напорите да седнат двете страни на преговарачка маса.

Откако Генералното собрание го усвои документот на Франција и Мексико, постојаниот претставник на Украина, Сергеј Кислица изјави дека Јужноафриканската Република не побарала формално изјаснување како што налагаат процедурите.

Сепак, односното прашање е ставено на посебно разгледување, а на гласањето документот на Јужноафриканската држава го поддржаа 50 земји, вклучувајќи ги Русија и Кина, 67 беа „против“, меѓу кои САД, Велика Британија и Франција, додека 36 држави се воздржаа од гласање.