Охридските нуркачи реализираа нова еколошка акција за чистење на дното на Охридското Езеро. Нуркачкиот центар „Акватек“ објави видеоснимка на која се гледа подводното отстранување на различен цврст отпад од езерските води.

На објавените кадри се забележува како тимовите нуркачи собираат расфрлана пластика, конзерви, стаклени шишиња и друг вид цврст смет што бил фрлен на дното.

Акцијата за чистење се спроведе на потегот од автокампот „Градиште“ до локацијата „Вели Даб“. Самиот проект е целосно финансиран од страна на Секторот за туризам и локален економски развој при Општина Охрид.