Веќе неколку дена нема одговорност за директорот и одговорните лица во градинката Ангел Шајче во Куманово, каде со храна беа затруени педесетина дечиња, од кои поголемиот дел се лекуваат во домашни услови, а 3 од нив се борат со заразата на државните клиники, истакна на денешната прес-конференција пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски.

-Молчи директорката на градинката, но и одговорните за хигиена. Молчи свекрвата на Мила Царовска, која е одговорна за хигиената, за што е задолжена како медицинско лице.

Јавноста бара одговори, а директорката на градинката и свекрвата на Царовска молчат. Се уште е нејасно од што конкретно настанала заразата. Првичен сомнеж е дека храната содржела салмонела, но и се претпоставува дека е причинета од недоволна хигиена.

Одговорни за градинката покрај градоначалникот Максим Димитриевски е и Министерството за труд и социјална политика. Имено, Мила Царовска како министер за труд и социјална политика претходно му ги одзеде ингеренциите на Максим Димитриевски. Директно надредено над градинката е Министерството за труд и социјална политика.

Дали градинката Ангел Шајче каде настанало труењето на дечињата во Куманово е под заштита на Царовска? Дали директорката на градинката и свекрвата на Царовска се под заштита на Мила Царовска? И дали затоа никој не презема одговорност за случајот?Што треба да се случи за роднините и блиските на Царовска да преземат одговорност? Уште колку животи треба да се загрозат? Затоа итно бараме оставка од директорката на градинката и од свекрвата на Царовска. Одговорност веднаш, побара Петрушевски.