Започна површинското чистење на депонијата, по што следува изградба на голем парк

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека започна површинското чистење на повеќедецениската депонија Вардариште, најавувајќи дека локацијата трајно ќе биде затворена и трансформирана во јавен зелен простор.

„Зборот е збор – депонијата Вардариште заминува во историјата“, објави Ѓорѓиевски, посочувајќи дека ова е почеток на процес кој долго време го очекуваат скопјани.

Според најавата, по завршувањето на површинското чистење ќе следува процес на одгасување, а потоа и изградба на еден од најголемите паркови во градот, на површина од околу 300.000 квадратни метри, изграден според сите стандарди.

„Следува изградба на еден од најголемите паркови“, наведува градоначалникот, додавајќи дека просторот ќе претставува „нови бели дробови на градот“.