Стравот од опасната риба-зајак не стивнува меѓу туристите кои летово одмараат во Грција, откако е регистриран втор случај на каснување.

Напад на плажа во Патра

Вистинска драма се случила на плажа во Патра, каде 64-годишна жена била нападната од опасна риба додека се капела во морето.

Според нејзиното сведоштво, таа влегла во водата кога одеднаш почувствувала силен удар и болка. Подоцна ја опишала рибата како суштество со „глава како зајак“.

Станува збор за инвазивната и исклучително опасна риба Lagocephalus sceleratus, позната и како сребренообразен фугу.

Повреда опасно блиску до каротидната артерија

Нападот предизвикал сериозна повреда, при што жената била гризната во пределот на вратот, опасно блиску до каротидната артерија.

Лицата кои биле со неа веднаш повикале помош, по што таа била пренесена во здравствена установа.

Лекарите ја третирале раната, ѝ дале вакцина против тетанус и антибиотска терапија, а според очевидци, нападот го потврдила и жената која била со повредената во моментот на инцидентот.

Предупредување до капачите и рибарите

Пред една недела, друга жена била касната за глуждот од истата отровна риба во Пефкохори.

Грчките медиуми и научници предупредуваат дека станува збор за риба која содржи силен токсин опасен за луѓето. Иако не напаѓа без причина, нејзиниот силен угриз може да предизвика сериозни повреди, а нејзиното месо не смее да се консумира доколку не е правилно обработено.

Експертите посочуваат дека појавата на рибата-зајак е поврзана со затоплувањето на морето и климатските промени, кои овозможуваат инвазивните видови полесно да се шират во Средоземното Море.

Иако нема причина за паника, надлежните ги повикуваат капачите, нуркачите и рибарите да бидат внимателни доколку забележат ваков примерок. Доколку случајно се улови, се препорачува да не се допира со голи раце и да не се консумира.