Зошто постојано имаме желба за слатки
Желбата за слатки не значи слаб карактер, туку резултат е на комбинација од биохемиски процеси, навики и животен стил, објаснува проф. д-р Душан Вешовиќ, специјалист по медицина на трудот и фармација и доктор по интегративна медицина.
-Кога јадеме слатки, внесуваме прости јаглехидрати, шеќери кои брзо го зголемуваат нивото на гликоза во крвта. После тоа, доаѓа до ненадеен пад, што телото го перципира како „аларм“ и испраќа сигнал за повеќе слатки. Колку повеќе шеќер внесуваме, толку се таложи вишокот енергија во клетките, што доведува до зголемување на телесната тежина и дополнителни здравствени проблеми, објаснил д-р Вешовиќ.
Покрај физиолошките причини, постои и психолошки аспект: шеќерот стимулира ослободување на допамин, хормон кој создава чувство на награда. Кога допаминот постојано се стимулира, мозокот со текот на времето бара сè поголема количина слатки за да го постигне истото чувство на задоволство. Ова создава спирала што води до зависност.
Како да се контролира желбата за слатки
Д-р Вешовиќ советува стабилизирање на нивото на шеќер во крвта преку внес на сложени јаглехидрати и влакна, како интегрални житарки, зеленчук, мешунки и овошје. Тие обезбедуваат подолготрајна енергија и спречуваат нагли падови на гликозата.
Други важни фактори за намалување на желбата за слатки се:
-Доволно спиење, бидејќи измореното тело бара брза енергија.
-Доволен внес на течности, бидејќи жедта често наликува на глад.
-Намалување на стресот, кој ја зголемува потребата за шеќер.
– Редовни оброци, за да се спречат „напади на глад“ што водат до импулсивно јадење.
-Слатките нема да исчезнат преку ноќ, но постојаните мали навики можат значително да ја намалат нивната привлечност. Кога го поддржуваме телото со правилна исхрана, сон и рутина, телото повеќе не бара „брзи поправки“, туку функционира стабилно и без ненадејни осцилации, заклучил Вешовиќ.
