Како што јави дописникот на МИА од Софија, министерот за здравство на Бугарија истакна доколку не се вложат напори да се изврши анализа на причините кои доведоа до застрашувачките нивоа, тогаш тоа може да се случи повторно.
Според Кацаров, состојбата со коронавирусот во Бугарија е релативно мирна, но бројот на вакцинации останува мал, и покрај фактот што има информативна кампања и реорганизација, луѓето не сакаат да се вакцинираат.
Тој посочи дека донираните 50.000 дози вакцини на Република Северна Македонија се пријателски гест за подобрување на билатералните односи. Бугарија ја разгледува можноста за донирање вакцини и на други земји од Западен Балкан, а според него, интересот бил многу голем.
Министерот, исто така, додаде дека Бугарија има можност и може да си го дозволи тоа, објаснувајќи дека постоел голем интерес од страна на турски граѓани да се вакцинираат во земјата. Прашањето за вакцинирање деца во Бугарија сè уште не е дискутирано. Кацаров беше категоричен дека ова прашање е одлука на експерти, а не на политичари.