Јавноста се простува од Ристе и Адам Велкови
Македонската јавност и социјалните мрежи се преплавени со пораки на сочувство, болка и неверување по тешката сообраќајна несреќа во која животот го загубија неколку лица, меѓу кои и познатиот оперски пејач Ристе Велков.
Татко и син заедно заминаа во вечноста
Преку објави на блиски роднини и колеги од естрадата, беа споделени нови детали дека во трагедијата згаснал и животот на неговиот малолетен син Адам.
Таткото и синот заедно заминаа во вечноста, а семејството и пријателите се простуваат од нив со потресни зборови.
„Мојот сакан внук Ристе Велков и неговиот син, мој помал внук Адам Велков. Мили мои, нека ви е светол патот кон вечноста“, напиша нивната блиска роднина Викторија Велкова.
Естрадата во тага по црната вест
Голем број соработници од музичката сцена изразија сочувство до скршените семејства кои во еден ден изгубија свои најблиски.
Пејачката Тина Алексовска сподели емотивен статус во кој ја опиша големата тага што го погоди Скопје по оваа црна вест.
„Македонија е многу тажна држава. Многу тажна. Мала држава во која секој со секого се познава. Мојата работа, пеењето е преубава работа. Јас мислам цело Скопје го познавам, се радувам на сите ваши среќни моменти, но и жалам со сите бидејќи сите ве чувствувам блиски… Денес и небото тагува со вас. Во црно се завија неколку фамилии, загинаа недолжни луѓе, прекинаа сонови за убава иднина… Фамилија Велкови Ристе Велков сочувство за сопругот, таткото, синот, братот, внукот…“, напиша Алексовска, упатувајќи сочувство и до семејството Миланови за загубата на нивниот син.
Соучениците се простуваат од Ристе Велков
Од оперскиот првенец се простуваат и неговите врсници и соученици, кои го паметат како извонреден човек и уметник.
„Почивајте во мир, школски Ристе Велков. Ах, каков човек. Сочувство до семејствата“, објави Боби Спасенцовски.
