Во своето неделно обраќање Меркел призна дека новите мерки се „тешки“, но истакна дека е потребно да се запре ширењето на вирусот во земјата.
Германската Агенција за контрола на болестите вчера соопшти за 23.392 нови инфекции и 286 смртни случаи од коронавирус. Од почетокот на пандемијата, во Германија се регистрирани речиси 3,3 милиони случаи на инфекција и 81.444 смртни случаи.
Меркел кажа дека новите мерки, што автоматски стапуваат на сила во регионите каде има повеќе од 100 пријавени случаи на 100.000 жители неделно, и се „итно потребни“ на земјата.
Цитирајќи други земји, како Велика Британија, Португалија и Ирска, кои забележаа голем пад на бројот на заразени за време на строгиот карантин, таа застана во одбрана на новите ограничувачки мерки против критичарите кои велат дека се претерани.
– Ниту една земја што успеа да стави крај на третиот бран на пандемијата и потоа повторно да ги ублажи ограничувањата, не успеа без тешки мерки, како што е ноќниот полициски час, рече Меркел.
Десетици познати личности во Германија неделава објавија личн и видеа во кои ги исмеваа ограничувањата и оние кои се залагаат за нив. Во меѓувреме, некои од нив ги отстранија снимките и се извинија за поддршката на екстремно десничарскиот наратив за пандемијата, па тоа изгледаше како обид да ги намалат страдањата на оние кои ги загубија своите најблиски од коронавирусот.