Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва изјави денеска дека верува оти треба да се спроведе темелна истрага за смртта на жестокиот критичар на Кремљ, Алексеј Навални, пред да бидат покренати какви било обвиненија.
Неговата изјава е во целосна спротивност со брзите и остри критики што западните власти ги упатија против Русија поради смртта на Навални во петокот во казнената колонија на Арктикот, пренесува ХИНА.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека рускиот претседател Владимир Путин и „неговите насилници“ се одговорни за ова.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги отфрли ваквите обвинувања, нарекувајќи ги неприфатливи.
Одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција по учеството во работата на самитот на Африканската унија во Адис Абеба, Лула рече дека во овој момент е прашање на „здрав разум“ да се воздржи од заземање став за смртта на Алексеј Навални.
„Тој граѓанин умре во затвор, не знам дали бил болен или имал некакви проблеми. Да обвинуваш значи да ги банализираш работите. Се надевам дека судскиот вештак ќе даде објаснување од што починал човекот, тоа е се“, рече Лула.
Бразилскиот претседател постојано повикуваше на мир во Украина и порача дека Русија не требало да ја нападне Украина. Но, во исто време, тој тврди дека САД непотребно ја продолжиле војната.
На мајката на Навални вчера и било кажано дека нејзиниот син починал од „синдром на ненадејна смрт“ и дека додека не заврши истрагата, неговото тело нема да биде пуштено на семејството.