Во земјава се регистрирани три нови случаи на западнонилска треска, со што вкупниот број заболени годинава достигна осум. Двајца од новозаразените се лекуваат на Клиниката за инфективни болести, а еден е хоспитализиран на Клиниката за неврологија. Дел од пациентите не патувале надвор од државата и живеат во Скопско Поле, што укажува на локално пренесување на вирусот преку комарци.

Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека за новите случаи се спроведуваат епидемиолошки анкети за да се утврди каде дошло до заразувањето. Комисијата за заразни болести заседава, Центарот за јавно здравје врши дезинсекција во радиус од 200 метри околу домовите на потврдените случаи, а Институтот за јавно здравје ги мапира сите заразени.

– Станува збор за вектор-пренослива болест. Комисијата за заразни болести заседава. Имаме случаи кај лица кои не патувале надвор од државата и живеат во Скопско Поле. Центарот за јавно здравје спроведува дезинсекција во радиус од 200 метри околу домовите на потврдените случаи. Доколку е потребно ќе се врши и прскање од земја, а Институтот за јавно здравје ги мапира сите случаи – изјави Клековски.

На Клиниката за инфективни болести во моментов се хоспитализирани седум лица со потврдена западнонилска треска. Директорот на Клиниката, д-р Фадил Цана, информираше дека 76-годишен скопјанец и натаму е во тешка здравствена состојба и е на респираторна поддршка.

– Пациентот е сместен на Одделот за интензивна нега, веќе една недела е на Клиниката и е на респираторна поддршка. Тој не патувал надвор од државата – изјави Цана.

Останатите шест пациенти, сите постари од 60 години, се во стабилна здравствена состојба, а само еден од нив претходно патувал во Грција. Кај сите хоспитализирани е дијагностицирано вирусно воспаление на мозокот и мозочните обвивки, а најчести симптоми се висока температура, силна главоболка, дезориентираност и нарушена свест.

Епидемиологот д-р Драган Даниловски предупредува дека осумте регистрирани тешки случаи не треба да се толкуваат како доказ дека вирусот станал поопасен. Според него, кај околу 80 проценти од заразените инфекцијата поминува без симптоми, кај околу 20 проценти предизвикува лесна болест со температура и малаксаност, а помалку од еден процент развиваат тешка невроинвазивна форма, најчесто постари лица и пациенти со хронични заболувања.

– Осумте регистрирани тешки случаи се само видливиот врв на епидемиолошката „санта мраз“. Под површината останува непознат број асимптоматски инфекции и лесни случаи кои никогаш не се дијагностицирани како западнонилска треска. Затоа не може да се заклучи дека вирусот предизвикува тешка болест кај сите заразени или дека станал поагресивен – наведува Даниловски.

Тој посочува дека најголемиот дел од случаите се автохтони, што значи дека вирусот локално циркулира меѓу птиците и комарците и дека постои изложеност на населението. Според него, приоритет во оваа фаза треба да бидат засилен епидемиолошки и ентомолошки надзор, следење на активноста на вирусот, систематска контрола на комарците и лична заштита од убоди.

Даниловски потсетува дека западнонилската треска во Македонија најчесто се појавува од јули до октомври, со најголем број случаи во август и септември. Иако климатските промени можат да го продолжат периодот на активност на комарците, бројот на заболени не зависи само од температурите, туку и од бројноста на комарците, присуството на инфицирани птици, изложеноста на населението и навременото спроведување на мерките за контрола.

На граѓаните им се препорачува да користат средства против комарци, да носат облека со долги ракави и ногавици при престој на отворено, да поставуваат заштитни мрежи на прозорците и да ги отстрануваат местата каде што се задржува вода околу домовите. Најголема претпазливост треба да покажат лицата постари од 60 години, пациентите со хронични заболувања, имуносупримираните лица и сите што подолго престојуваат на отворено во вечерните часови.

Институтот за јавно здравје препорачува државата да изработи Национална програма за зоонози и вектор-преносливи заболувања и посебен Акционен план за постапување при појава на вакви инфекции. Со овие документи би се утврдиле протоколи за превенција, следење и реакција при увезени и локално стекнати случаи, како и координацијата меѓу здравствените, ветеринарните и локалните институции.