Македонија ќе добие 140 милиони евра преку Планот за раст на Европската Унија поради успешно спроведените реформски мерки, изјави австрискиот амбасадор Мартин Памер. Тој оцени дека земјата треба да го задржи темпото на реформите и да продолжи посветено да работи на европската интеграција.

„Македонија направи одлична работа во однос на Планот за раст и благодарение на тоа на земјата ќе ѝ бидат алоцирани 140 милиони евра за да се придонесе за натамошниот напредок“, рече Памер на денешниот настан на иницијативата „Славков 3“ во Европската куќа во Скопје.

Според австрискиот амбасадор, во Европската Унија во моментов постои зголемен интерес за проширувањето. Тој посочи дека, за разлика од претходниот период, сега се разговара и за конкретни земји што би можеле да станат членки на Унијата.

Министерска конференција меѓу земјите од Западен Балкан и Австрија, Чешка и Словачка ќе се одржи на 27 септември во Виена, во рамки на форматот „Славков 3“. На средбата ќе се разговара за напредокот на земјите од регионот кон ЕУ и за продолжувањето на реформскиот процес.

Памер се осврна и на новата стратегија за проширување на ЕУ, која треба да биде објавена на 30 септември. Тој рече дека разговорите за различните предлози сè уште траат.

Како конкретна придобивка од приближувањето кон Европската Унија, австрискиот амбасадор го посочи приклучувањето на Македонија кон Единствениот европски платежен систем – СЕПА, преку кој се овозможуваат пониски трошоци за трансфери и плаќања.

Тој најави и натамошни чекори кон укинување на трошоците за роаминг меѓу Македонија и Европската Унија.

„Она што допрва следи, иако спроведувањето не е едноставно, е зоната без роаминг во ЕУ. Тоа значи дека наскоро, веројатно во рок од една или две години, повеќе нема да има трошоци за роаминг“, рече Памер.

Форматот „Славков 3“, во кој членуваат Австрија, Чешка и Словачка, бил воспоставен пред 11 години за координација и соработка меѓу трите држави, вклучително и за прашањата поврзани со политиките на ЕУ и проширувањето.

Како дел од активностите на иницијативата се реализираат и проекти за изградба и обновување планинарски патеки на Водно, Титов Врв, Шар Планина и Пелистер.

Заменичката амбасадорка на Чешка, Андреа Штајнер Вотавова, изјави дека целта на форматот „Славков“ е европските приоритети да се поврзат со конкретни резултати за граѓаните. Како пример ја наведе планинарската патека од Долно Соње до врвот на Водно, која била финансирана од Чешка и завршена минатата година, а веќе ја користат локалното население и посетителите.

Штајнер Вотавова повтори дека Австрија, Чешка и Словачка ја поддржуваат европската интеграција на Западен Балкан и процесот на проширување заснован на исполнување на критериумите.