И покрај вчерашните најави од Владата дека со Србија е договорено укинување на забраната за извоз во нашата земја на пченица, пченка и сурово сончогледово масло за јадење, во одлуката по одржувањето на седницата на Владата на Република Србија, никаде не е споменато сончогледовото масло.
Еве што објави Владата на Србија на својот официјален сајт по завршувањето на вчерашната седница:
На седницата беше усвоен и Заклучок со кој се одобрува извоз на меркантилна пченица и меркантилна пченка на правни лица кои ги извезуваат овие производи во Република Македонија врз основа на договори склучени пред влегувањето во сила на Одлуката за привремена забрана за извоз на основни агри -прехранбени производи.
Овој заклучок овозможува реализација на веќе договорени деловни аранжмани меѓу компании од Србија и регионот. Тоа нема да предизвика нарушувања во функционирањето на домашниот земјоделско-прехранбен сектор, ниту да ја загрози прехранбената безбедност на населението и ќе придонесе за градење доверба и одржување на добри трговски односи во регионот“.
Македонските производители на масло за јадење кои главно го купуваат нерафинирано од Србија, деновиве изјавија дека со нетрпение ја чекаат одлуката за продолжување на увозот од Србија.