Меркел навела дека Израел има право на самоодбрана и го осудила продолжувањето на ракетните напади врз Израел, од Појасот Газа, пренесува АП.
Германската канцеларка истакнала дека се надева оти конфликтите брзо ќе завршат, имајќи предвид дека има и жртви меѓу цивилите од обете страни.
Од кабинетот на Ангела Меркел наведуваат дека таа посочила дека германската влада ќе продолжи „решително да реагира против протестите во Германија, каде се шират омраза и антисемитизам“.
Според Германија, како што нагласи Зајбер, „истрелувањето ракети од страна на екстремистичкиот Хамас кон Израел претставува терористички напад“.
– Станува збор за терористички напади со само една цел, а тоа е неселективно убивање на луѓе и ширење страв, истакна портпаролот на Меркел, осврнувајќи се на ракетирањата на Хамас и додавајќи дека „Израел има право на легитимна одбрана од тие напади“.
Една од водечките кандидати за наследничка на канцеларката Меркел, Аналена Бербок од германските зелени, ги осуди ракетните напади на Хамас и го поддржа израелското право на самоодбрана.
Таа ги повика Германија и Европската унија да ги поддржат напорите на американскиот претседател Џо Бајден да посредува меѓу завојуваните страни.