По пауза од два месеци, натпреварите од првата фудбалска лига во Грција, од вторник повторно ќе се играат со публика, од следниот месец задолжителни ќе бидат безбедносните камери, а од април влезот на стадионите ќе се врши со специјална апликација за дигитална лична идентификација на навивачите, јави дописничката на МИА од Атина.
Алтернативниот министер за спорт на Грција Јанис Вруцис и министерот за дигитална политика Димитрис Папастергиу денеска ги презентираа новините и реформите што во следните два месеци ќе се воведат на стадионите во Грција, со цел да се спречи спортското насилство кое во земјата сè почесто одзема човечки животи.
Вруцис порача дека и при најмало прекршување на предвидените мерки по 13 февруари, односно како што рече, ако биде фрлен и само еден опасен предмет се затвора стадионот и следниот натпревар екипата домаќин ќе го игра без публика, зад затворени врати.
Нашата цел е да не влијаеме на првенството. Го почитуваме раководното тело на фудбалот и Грчката фудбалска федерација, како и на секој друг спорт, исто како што ги почитуваме прописите на УЕФА и ФИФА. Но, наше право е да ја гарантираме безбедноста на граѓаните на стадионите, затоа кога ќе процениме дека постои небезбедна средина, тогаш строго ќе се запази сè што е предвидено во законот, порача Вруцис.
Објасни дека од 6 март ќе биде задолжителен електронски надзор на спортски објекти за натпреварите од првата фудбалска и кошаркарска лига со поставување современи камери со конкретни спецификации, обврска што ја имаат самите екипи.
Од 9 април се воведува дигитална идентификација на сопствениците на билетите, што ќе се врши преку мобилните телефони.
Министерот за дигитална политика на Грција Димитрис Папастергиу, детално објасни како ќе функционира идентификацијата, посочувајќи дека иако досега постоеше електронски билет не можеше да има лична идентификација, а решението сега доаѓа од технологијата преку мобилниот телефон.
Ќе се користи апликацијата на грчката Влада, односно дигиталниот паричник каде што веќе постојат сите лични податоци, ќе се внесува билетот и автоматски ќе излегува единствениот баркод на сопственикот на билетот, кој ќе се скенира на влезовите на стадионите.
За странските државјани, процедурата е идентична, но со скенирање на пасошот и вметнување на билетот.
Паралелно ќе постои и „црна листа“, односно апликацијата преку личниот и единствен број ќе ги исфрла оние кои имаат забрана за влез на стадионите и нема да можат да внесат податоци за електронскиот билет.
Исклучок од овие правила се меѓународните натпревари што се под УЕФА, бидејќи како што објаснија надлежните министри, таму важат правилата на европската федерација.
По зголемениот број случаи на спортско насилство и откако полицаец им подлегна на повредите по напад од навивачи за време на одбојкарски натпревар во Атина во декември минатата година, грчката Влада воведе мерки, меѓу кои сите натпревари од првата фудбалска лига во Грција, два месеци да се играат зад затворени врати до 12 февруари.